Фреди Меркјури ја загубил ногата пред смртта

Потресно признание на Брајан Меј за состојбата на Фреди Меркјури пред неговата смрт

Лидерот на познатиот британски рок бенд „Queen“, Фреди Меркјури важи за еден од најдобрите вокалисти на сите времиња. За жал, тој во 1991-та година почина на 45 годишна возраст поради компликациите што му ги нанесе ХИВ. Често ги избегнуваше медиумите, а во последните денови, тој комплетно се изолираше од јавноста. Медиумите веќе шпекулирале нешто не е во ред со пејачот, но ПР-от на бендот ги негирал сите шпекулации околу неговото здравје. Сепак, еден ден пред да почине, тој се појави во јавност и ја соопшти веста дека боледува од оваа болест. Веќе наредниот ден, како што изјавија неговите колеги од бендот, тој не се разбудил од попладневната дремка.

За тоа низ какви болки поминувал додека боледувал, говори неговиот колега од бендот, Брајан Меј. Тој вели дека имал отворени рани низ целото тело и дека комплетно ја загубил функцијата на едната нога пред смртта: „ Се сеќавам дека вечеравме заедно. Фреди се сврте накај мене и ми рече да му ја погледнам нога. Тој ја крена ногавицата и глетката беше страотна. Фреди ми се извини затоа што помисли дека ме вознемири. Но напротив, јас не бев вознемирен од глетката. Со вознемирив затоа што тогаш сфатив со какви болки се справува секој ден.“

Брајан додаде и дека во тоа време немало соодветни лекови за оваа ужасна болест: „ Тогаш немаше лекови за ХИВ. Вистинските лекови почнаа да се произведуваат неколку месеци по неговата смрт. Доколку успееше да проживее уште некој месец, ќе се спасеше. Денес луѓето со оваа болест живеат со години, па така да сигурен сум дека Фреди ќе беше тука со нас и ден денес.“