Македонија добива министер за рокенрол

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски има намера да ја обедини рокенрол заедницата

На трибината насловена како „Рокенролот како саундтрак за новото Министерство за култура“, учествуваа голем број истакнати уметници меѓу кои: Влатко Стефановски, Пеце Младеновски, Петрит Сарачини, Тошо Филиповски и Џабир Дерала. Овие уметници остро го нападнаа изоставувањето на рокенролот од нашата култура и форсирањето на турбофолкот. Според нив, рокенролот е непријател на секоја диктатура, па затоа и бил отстранет од нашата култура. Токму поради тоа, многу од нашите истакнати „рокери“ биле исфрлени од сцената.

Најдобриот македонски гитарист, Влатко Стефановски излезе со свој предлог, да секој уметник кој има издадено авторски труд, да биде награден, со тоа што би се ослободил од данок. Пеце Младеновски, пак остро ги нападна честите посети на српските турбофолкери, Карлеуша, Цеца и Аца Лукас. Како што и самиот изјави: „Честите настапи на некакви Карлеуши, Аца Лукас, Цеца, се недозволиви. Точно е дека се масовно посетени, но таа публика се постигна со долгогодишното наметнување и пропагирање на оваа шунд култура. Медиумите се преплавени со фолкери и никој не информира за квалитетна музика – рече Младеновски.“

На самата трибина присуствуваше и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски кој истакна дека среќен што рокенрол заедницата е повторно активна и има свои ставови и барања. Исто така тој изјави дека: „Затекнувам многу проблеми во културата. Во првите три месеци ќе мора да се направи ревизија на проблемите и потоа да се дадат приоритети. Ѝ советувам на рокенрол заедницата да се обедини, да направи административна стратегија и натаму ќе делуваме заедно – рече Алаѓозовски.“

Фото: Министерство за култура

Оваа трибина беше масовно посетена и се очекува во наредниот период, ваквите збиднувања да зачестат.

Извор: Слободен Печат