Франција 2017 – Пресек на денот, 14-ти јануари

Денот кога нашите ракометари требаше да излезат на теренот и до некаде да го потврдат тикетот за осмина финале. Во спортот никој не може да ти го одземе правото да веруваш да се бориш и да играш се додека судијата не свирне крај, но никој не може да ти даде за право да помислиш дека некој е аудсајдер или дека можеш некого да добиеш што е за десет класи подобар од тебе.

Искрено многу ме навредува фактот што кој стигна на ова светско првенство не нарекува аутсајдери, не можам да го сфатам и тоа како Ангола едвај го чекала мечот со нас за да се надигрува. Чекајте малце имате грешка во чекори.

Па добро толку ли не сметаат за лоша екипа?

Почитувани ние сме репрезентација каде цела прва постава игра во елитни европски клубови и во Бундеслигата, ние сме репрезентација која редовно е на големите натпреварувања и несомнено поседуваме квалитет, а имаме и континуитет и искуство. Имаме клубови кои редовно се натпреваруваат во Лигата на шампионите, имаме тренер кој позади неговото име има многу тешки ракометни одличја, ние сме нација која дише за ракометот 365 дена во годината. На ова светско првенство фаворити на хартија се Франција, Данска, Хрватска, Германија, а со сите останати и тоа како може да излеземе на мегдан и да се удриме гради во гради. Таа аутсајдерска улога ве молам да ја препуштите на некој друг.

Следна на списокот за елиминација е таа толку возвишувана Словенија, подгответе се, играте со Македонија.

Македонија – Ангола

Натпревар кој до некаде зависеше од тоа да се биде или не, но натпревар каде нашиот квалитет беше далеку подобар.

На почетокот започнавме во грч, а можеби и малку потценувачки кон противникот. Многу технички грешки на почетокот и промашени шутеви. Впрочем тоа мора да се случи на еден натпревар, а многу ми е драго што ете баш против Ангола се изнапромашувавме и изнагрешивме. Особено треба да не радува што на овој натпревар нашите голмани влегоа во ритам и ја замолкнаа јавноста што толку ги критикуваше. Колев имаше одлични интервенции, а Трајковски на крајот и два пати погодуваше од гол на гол.

Сите играчи беа изротирани, а завршницата ја одбележаа оние голови на нашиот голман Трајковски и двојниот цепелин помеѓу Ф.Лазаров и Мартин Поповски.

Рутинска победа на Македонија од 31-22.

Играч на натпреварот Гоце Георгиевски.

Бразил – Полска

Натпреварот одлично го отворија Кариоките кои веќе во 10-тата минута имаа водство од високи шест голови 7-1. Проблемите веќе беа на повидок за Талант Душебаев. Пољаците пробуваа од сите позиции, но голманот Маик дос Сантос беше на висината на задачата и Пољаците тешко го наоѓаа патот до мрежата.

На полувреме се отиде со резултат од 16-11 за Кариоките.

Во второто полувреме и немаше некои изненадувања и се играше гол за гол, а одличните Бразилци мирно ја контролираа предноста се до крај за на крајот да слават со резултат 28-24.

Најдобар стрелец на натпреварот е Toledo Jose Guilherme со постигнати осум погодоци.

Норвешка – Русија

Нов натпревар а стари проблеми за Зборнаја. Цел овој состав на Чипутин делува помалце и поспано. За ракометниот свет не е јасно како тоа така добро индивидуален состав не може да влезе во колосек на неколку големи натпреварувања.

Норвежаните класика, силна одбрана и смртоносни контранапади, а Сагордсен и Еспен ли Хансен како да не знаат да погрешат. Водство од 9-4 за Норвешка уште во 10-тата минута.

Торгованов преку тајм-аут се обиде да ги смири своите ракометари, но не му успеа 14-6 за Норвешка. Русија после серијата промашувања успеа да ги консолидира своите редови да се соземе и да се врати до некаде во игра со што на полувреме се отиде со резултат 15-11.

Во второто полувреме се влезе динамично, а русите преку Горбох се доближаа на само два гола разлика 18-16. Но тука како да спласна таа руска навала и играта влезе во еден ритам гол за гол. Норвежаните ги одржуваше Торбјорн Бергеруд, а Русите Павел Атман.

Во тоа темпо натпреварот продолжи до крајот и Норвежаните ја запишаа втората победа во групата, а Руската-Зборнаја првиот пораз.

Конечен резултат Норвешка – Русија 28:24.

Најдобар стрелец на натпреварот беше Игор Сорока со 8 голови.

Шпанија – Тунис

Одличен натпревар за гледање со одлична динамика.

Се започна во знакот на Тунискиот голман Макрем Мисауи. Фуријата започна фуриозно и доколку не беше овој човек на голот на Тунис предноста од 12-6 на само пет минути до крајот на полувремето слободно можеше да биде и двоцифрена. Тунижаните магично се вратија во игра во последните пет минути од натпреварот со серија од 4-0. 12-10 на полувреме и веќе се најавуваше одлична битка. Многубројните Туниски фанови ја подгреваа атмосверата па така Тунис секогаш беше на два гола разлика и кога и да дојдеше до шанса да ја намали таа предност тогаш на голот беше Родриго Коралес кој во второто полувреме ја спушти ролетната на голот.

Во еден таков ритам Шпанците поискусни и помудри го доведоа натпреварот до самиот крај во нивна корист и ја запишаа втората победа во групата со резултат од 26-21.

Овај натпревар со сигурност им припадна на голманите на двете екипи.

Хрватска – Унгарија

Ова е од типот на оние натпревари кои секогаш се интересни затоа што двете екипи одлично се познаваат и двете екипи секогаш играат за меѓусебно докажување.

Ракометарите на селекторот Бабич не го започнаа овој натпревар во најдобро светло. Премногу технички грешки принудени од одличната бетонска Унгарска одбрана. Од тука Унгарците поведоа со 6-3. Хрватите безидејни, но како и секогаш опасни од сенка. Промената на голот и седми играч на теренот вроди со плод и еве ја Хрватска назад во натпреварот со резултат од 11-11 на полувреме. Препознатливите контри на Хорват и Штрлек им носат водство на Хрватите во 50-тата минута со четири голови 22-18.

Тука хрватите многу искусно ја спуштија играта и го доведоја мечот до крајот за да ги прокнижат своите нови бодови и втората победа во групата, а Унгарците својот втор горк пораз.

Конечен резултат Хрватска – Унгарија 31:28.

Најдобри стрелци на натпреварот беа Мануел Штрлек со шест голови и Гергели Харса’ни исто така со шест голови.

Данска – Египет

Данците предводени од Михаел Хансен и Ландин на голот, многу лесно го декласираа африканскиот првак Египет.

Фараоните како и да немаа што да бараат на овој натпревар. Данците го имаа под контрола натпреварот во секоја секунда. На ова светско првенство се едни од фаворитите за најсјајниот медал после домаќините, Французите. Играат еден убав ракомет, имаат одлична ротација и ширина во игратата каде постигнуваат голови 90% од играчите.

Египет немоќен ќе почека до следниот натпревар каде што ке ја побара својата втора шанса за втора победа.

Данска веќе има две победи, но нема одиграно натпревар со европска екипа.

Конечен резултат Данска – Египет 35:28.

Најдобри стрелци се Сван Ласе од Данска со шест погодоци и Јехиа Елдера од Египет со исто така шест погодоци.

Томислав Угриновски